Цели и надлежности на агенцијата за разузнавање

Стратешките приоритети и цели на Агенцијата за разузнавање се утврдени во стратешкиот план за периодот 2015-2018 година, во согласност со утврдените стратешки приоритети на Претседателот и Владата на Република Македонија.



  • МИСИЈА

Мисијата на АР е реализација на активности и развој на капацитети за навремен одговор на безбедносните закани, ризици и предизвици во тековниот и идниот период.


  • ВИЗИЈА

Агенцијата создава стратешки цели преку воспоставување и развој на соодветни ефикасни механизми за идентификација, превенција, предвидување, рано предупредување и информирање. Целите имаат големо значење во процесот на носење решенија и при креирањето на политиката на Претседателот и Владата на Република Македонија за заштита на виталните и трајни национални интереси на РМ и нејзините интереси во странство.


  • ПРИОРИТЕТИ

Приоритет во активностите на АР се следните стратешки области на делување:

  • Идентификација на заканите и оперативно-разузнавачко делување
  • Превенција на заканите
  • Информирање на државниот врв
  • Меѓународна билатерална и мултилатерална соработка
  • Меѓуинституционална соработка
  • Законитост и јавност во работата

Основни принципи врз кои се темели нашата работа се законитост, професионалност, објективност, транспарентност и заштита на човековите слободи и права.
Активностите на Агенцијата за разузнавање се планираат и насочуваат согласно Програмата за работа која се изготвува во почетокот на секоја година и претставува краткорочен плански документ за приоритетната разузнавачка активност при што целокупното делување се заснова и на стратешките документи на државата – Националната концепција за безбедност и одбрана каде се дефинирани конкретните ризици и опасности по безбедноста.


  • ДЕЛОКРУГ НА РАБОТА

Согласно законот за Агенцијата за разузнавање, со изготвените анализи и информации задолжително се известуваат Претседателот на Република Македонија, Владата и другите државни органи на Република Македонија за теми од нивниот делокруг.
Делокругот со надлежности на Агенцијата за разузнавање пропишан во Законот за Агенција за разузнавање опфаќа:

  • рано предупредување, процена и прогнози за тенденциите и можните безбедносни ризици по националната безбедност на РМ,
  • прибирање податоци и информации од значење за безбедноста и одбраната, стопанските, политичките и другите витални интереси на државата,
  • прибирање податоци и информации за спречување на меѓународниот тероризам и транснационалниот организиран криминал,
  • анализи и истражувања на податоците и информациите кои се од значење за безбедноста и одбраната на Република Македонија и за стопанските, политички и други интереси на државата,
  • техничкa поддршка,
  • активности за логистичка поддршка и безбедност во работата на Агенцијата за разузнавање.


  • ОВЛАСТУВАЊЕ

Според законските одредби за разузнавачко делување, може да се наведат следните овластувања на Агенцијата за разузнавање на Република Македонија :

  • вработените имаат право да собираат податоци, известувања и информации од делокругот на работата,
  • вработените на посебни работни места во Агенцијата имаат Службени документи што ја издава директорот,
  • службениците кои поседуваат Службени документи, можат да се идентификуваат кога ги исполнуваат официјалните задачи во Република Македонија.