Скопје – 01 јули 2020 година

ИНТЕРВЈУ НА ЕРОЛД МУСЛИУ ЗА РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА


Добиваме нови информации за „Диво насеље“. Не исчезнаа сите тајни со загинувањето на дел од водачите на кумановската група Бег Ризај и Мирсад Ндрецај. Не биле само тие двајца коишто имале контакти со службите за безбедност, вели директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Муслиу, разговараме една година откако бевте именуван на функцијата во време кога ЕУ посочува дека се нужни реформи во безбедносниот сектор. Што се промени во Агенцијата по вашето доаѓање?

Направивме многу, но за нас во Агенцијата преостанува уште работа. Една од најсилните страни на Агенцијата е изградениот имиџ на меѓународен план со реализирани успешни разузнавачки операции. За жал, изминатите неколку години таа препознатливост за која вложивме многу труд беше нарушена, поради поединци кои користејќи го привилегираниот статус и врски со политички структури во државата се мешаа во работата на Агенцијата. Во разузнавањето, изгубената доверба тешко се враќа кај партнерите. Затоа, од мај 2019 година ние во Агенцијата работиме да ја вратиме довербата на стратешко, регионално и меѓуинституционално ниво. Успеавме да имаме независна и автономна улога во работата и извршувањето на задачите, ослободена од партиски и политички влијанија, тоа е многу битно. Денес, Агенцијата е повеќе мобилна и прилагодлива да делува во дадени ситуации. Најбитното што го добивме во квалитет е да бидеме објективни.

Велите се злоупотребувале политичките врски. Ќе има ли прочистување во Агенцијата?

Зборот прочистување е малку тежок. Тој опфаќа некои моменти околу издавање на безбедносни сертификати и во овој дел ние активно соработуваме со соодветните тела за безбедност на НАТО, а на внатрешен план имаме одлична соработка со оние институции кои по закон се задолжени за тоа, пред сè мислам на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и на Агенцијата за национална безбедност.

Колку се спроведуваат реформите, имајќи предвид дека сè уште функционирате според закон стар 25 години, а новиот закон не ја помина процедурата пред распуштањето на Парламентот?

Веќе извесен период бевме соочени со потребата да се измени или да се донесе нов Закон за Агенцијата за разузнавање, бидејќи актуелниот е од 1995 година и тој веќе не кореспондира со реалните потреби за функционирање. Со новиот закон јасно се дефинира местото и улогата на Агенцијата како единствена институција надлежна за надворешно разузнавање со задача да прибира податоци и сознанија за асиметрични, хибридни и сајбер закани од странство. Меѓу другите работи, ова сакам посебно да го потенцирам, со овој закон се уредуваат и работничките права и социјалниот статус на вработените, барање кое беше долги години игнорирано од претходните раководства. За жал, Законот не помина во Собранието поради поднесените повеќе од илјада апсурдни амандмани од страна на опозицијата. Која беше позадината на нивниот потег, односно бојкотирање и отпорот за дефинирање на Агенцијата во професионална служба по НАТО стандарди, останува да покаже времето. Но, убеден сум дека ние ќе имаме нов Закон, впрочем тоа од нас го бараат НАТО и ЕУ.

Додека сте вие директор, Македонија стана членка на НАТО. Што добивме со тоа од ваш аспект, ви се олесни ли работата? Од друга страна, што добива НАТО од тоа што Македонија е внатре?

Република Северна Македонија не е веќе сама за себе, таа е дел од најмоќниот воено-политички сојуз со што заканите по нашата национална безбедност се и закани за сојузот, и обратно. Инаку, добивме многу. Добивме сојузнички пристап до информациите, побрза размена на информации, заедничко делување во справување со предизвиците и заканите. Тоа значи дека разменуваме сознанија, анализи, ставови и мислења по сите прашања. Сега како НАТО сојузник, Агенцијата посветува поголемо внимание и е фокусирана на барањата и приоритетите кои доаѓаат од Брисел и капацитетот го градиме во тој правец, се прилагодуваме кон стандардите и процедури, а да бидам искрен и повеќе работа од административен аспект. На билатерално ниво, НАТО сојузниците го знаат и го препознаваат оперативниот капацитет на Агенцијата бидејќи подолг период соработуваме на оперативно ниво. Но, има тука вредност и географската положба на нашата држава, понатаму, треба да го имаме предвид нашиот мултиетнички, мултирелигиозен и мултикултурен состав на населението, што во Агенцијата е преточено во разузнавачка предност и квалитет, а верувам ќе биде и од полза за НАТО.

Какви реформи од Агенцијата очекуваат партнерските земји од НАТО? Што треба да се промени?

Се очекува да се заокружат уште некои елементи, тука пред сè би сакал да го споменам процесот на донесување на новиот закон за Агенцијата, што го кажав и претходно, завршување на отпочнатиот процес на ветинг во безбедносно разузнавачките ентитети, од нас се бара подобра, посилна и ефикасна внатрешна поставеност, ние тоа веќе го направивме со новата систематизација, се бара постриктен систем на внатрешна контрола, градење на капацитети за сајбер безбедност што е новина и посебен фокус на заштита и безбедност во врска со техничка опрема и технологии од држави кои претставуваат безбедносен ризик за НАТО.

Кои се главните безбедносни предизвици на Македонија денеска? На што се фокусира Агенцијата?

Како што реков, РС Македонија е членка на НАТО, заеднички работиме со НАТО и ги споделуваме приоритетите и фокусот на работа. Тука пред сè би сакал да го издвојам како приоритет геополитичкото ривалство, кое развива хибридни стратегии и закани, регионалните појави и процеси, внатрешните и меѓународни конфликти со можност за влијание врз националната безбедност, оружјето за масовно уништување, тероризмот и насилниот екстремизам од сите аспекти: политички, етнички и религиски, илегалната миграција како појава, но и како алатка во хибридната стратегија на регионалните актери, сајбер заканите и во поново време актуелната закана од КОВИД-19 со која се соочува целиот свет. Ова е новата реалност на која како служби ќе мораме да се фокусираме во иднина.

Во изминативе години, припадници на Агенцијата за разузнавање беа прозивани за вмешаност во кумановските настани, во насилствата во Собранието на 27 април... Која е нивната улога во овие случаи? Какво е вашето видување на овие настани?

Двата настани се всушност две темни дамки во поновата историја на нашата држава, но и две горки искуства за нашиот состав и раководењето со Агенцијата. Веднаш по моето именување, ние внатре во Агенцијата седнавме, разговаравме и одлучивме да формираме соодветни Комисии со задача да ја утврдат фактичката состојба од аспект на улогата на Агенцијата во двата настани. Констатиравме серија непрофесионални постапки и однесувања кај претходните директори. Работеле само со за нив доверливи лица, без да ги информираат и вклучат непосредните сектори задолжени по проблематика.

По однос на „Кумановскиот настан“, морам да го кажам ова, констатирана е неискреност кон Јавното обвинителство. За мотивите на групата јасно е дека преовладувал политичкиот мотив за ангажирање на припадниците, иако се спомнува и финансискиот момент. Нејасна е причината за контактите на оперативците со водачите на вооружената група, односно недостасуваат информации за нападот во Гошинце и упадот на групата во урбаниот дел на Куманово. Но, добро е што јавноста ја разбра новата реалност во Агенцијата, односно автономноста и објективноста во нашето работење, па почнавме да добиваме нови информации кои за Агенцијата претходно беа непознати. Сепак, сметам дека одреден дел од потребните сознанија за да го комплетираме целиот случај се наоѓаат кај некои од осудените. Не исчезнаа сите тајни со загинувањето на двоецот Ризај и Ндрецај.

По однос на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година, направени се грешки во раководењето и селекцијата на оперативците кои биле ангажирани. Најнапред е нејасно зошто била инволвирана Агенцијата и нејзини припадници во настани од надлежност на органите за јавен ред. На терен биле испратени припадници со минимално работно искуство во Агенцијата или со штотуку положен приправнички испит. Биле испратени на терен без јасна цел и оперативна подготовка, односно требале да идентификуваат странско присуство на субјекти за кои нема идентитет, опис или фотографија.

Најбитно е дека ние нашата работа ја завршивме. По однос на двата настана, Агенцијата достави две обемни анализи кои се предадени на јавното обвинителство. Со оглед на фактот што сме опфатени од пандемијата на ковид-19, очекуваме средба со јавното обвинителство по однос на овие настани да видиме како Агенцијата ќе може да помогне во расветлувањето на овие случаи.

Се сомневате во причините за смртта на Ризај и Ндрецај?

Да бидам искрен, не. Немам сомнежи за смртта, туку сакав да кажам дека со самиот чин на нивно загинување не заминаа сите тајни. Не биле само тие двајца коишто имале контакти со службите за безбедност. Затоа и кажав.

Дали оперативците вмешани во овие настани, коишто ги споменавте, работат уште во Агенцијата за разузнавање?

Од оние кои биле вклучени во раководењето, давање инструкции и оперативното постапување на терен, поврзано со „Кумановскиот настан“ можам да кажам дека денес неколкумина од нив не се веќе припадници на Агенцијата, а тогашниот директор сега е министер за внатрешни работи. По однос на насилниот упад во Собранието, како што знае и јавноста, имаме еден осуден припадник на Агенцијата, други кои биле ангажирани веќе не се дел од нашиот состав, а тогашниот директор истотака веќе не е дел од армиско безбедносниот состав.

Учествувала ли Агенцијата во операција за спречување на меѓународен тероризам на кои сте особено горди?

Секако дека со нашите партнери сме учествувале во операции на Балканот, во други нестабилни и региони опфатени од војни, тука пред сè мислам на Блискиот Исток, Северна Африка и Украина.

Можете да посочите некоја конкретна операција?

Морам да бидам искрен дека вашето прашање има класифициран карактер. Но, што е битно за еден разузнавач? Неговата мисија е секогаш тајна. За евентуалната грешка ќе разберат сите или може да плати со живот, но успехот во вакви операции е внатрешното чувство што го имате во себе дека сте спасиле човечки живот или објекти и добра од витално значење за безбедноста на граѓаните и државата. Мислам дека разбравте дека сме учествувале во вакви операции и сум горд на голем број од успешно завршените операции.

За крај, каде ја гледате Агенцијата за 5 години? Која е вашата цел?

Нашите планови за во наредните 4-5 години се движат во условно речено два правци: внатрешна компонента и надворешна компонента. Во однос на внатрешната компонента, нешто малку зборував и претходно за тоа, заокружување на законската рамка на Агенцијата, тоа ни е од приоритетно значење, градење и надградба на човечките и техничките капацитети на Агенцијата, тимската работа е формулата за успех, тоа ни недостасуваше во минатото, во профилот на личноста на разузнавачот да постигнеме ниво на разузнавачки баланс на постапување на терен и поголема отвореност во комуникација со околината, со јавноста. Втората компонента се однесува на нашата институционална поставеност, односно перцепција од корисниците на нашите информации, на партнерите и конечно на јавноста. Сакаме да постигнеме ниво корисниците на нашите информации точно да знаат што да очекуваат од Агенцијата и да ја разберат нејзината суштинска улога во безбедноста на државата. Нашите партнери да бидат во можност да направат вистински избор при одлуката за размена на информации и заеднички операции и конечно, она што мислам дека навистина е најбитно, граѓаните и народот да нè препознаат и да имаат доверба во нас, да знаат дека вршиме вистинска работа за заштита и безбедност на државата.