Скопје – 25 октомври 2021 година
Во тој контекст, Бакревска-Додовска нагласи дека жените во Агенцијата за разузнавање биле дел од процесот на градење на институцијата од самите почетоци во 1998 година, но дека сепак високите раководни позиции им припаѓале на мажите, а жените биле извршители или на раководни позиции коишто биле поддршка во разузнавачкиот циклус на работа.
„Постепено се правени промени во таа смисла да најголемиот резултат е постигнат во 2021 година кога жените се стекнуваат со високи раководни позиции и жени раководат со оперативни тимови. Се разбира дека тоа се должи на макотрпната работа на жените, нивната посветеност и професионалност, но и свесноста за улогата и важноста на жената во разузнавачката заедница. Сепак ние докажавме дека жените можат и постигнуваат големи успеси во процесот на раководење“, истакна заменик-директорот на АР.
Дополни дека институцијата отиде чекор напред во спречување каква било дискриминација со новиот закон за Агенцијата за разузнавање. „Со член 27 се забранува секаков вид дискриминација по однос на возраста, по однос на религија, по однос на етничка припадност, по однос на национално и на социјално потекло, статус, па и вклучително и полова ориентација“, рече таа.
На прашањето зошто се одлучила за оваа професија и како да се мотивираат жените да бидат дел од овој сектор, споделувајќи го своето лично искуство кое во АР датира од 2002 година, Бакревска-Додовска пренесе дека е голем предизвик, жена да работи во разузнавачка служба, сегмент кој што во нашето општество главно се смета за машки свет.
„Јас сум вработена во АР од 2002 година и ги поминав сите скалила на хиерархија почнувајќи од приправник до заменик-директор. Искуството, чувството на припадност и сознанието дека придонесуваш за националната безбедност е неспоредлива. Се разбира дека има и многу тешки моменти за кои е потребно истрајност и трпение, но најбитно во тие моменти е да преовладува професионалноста и фокусираноста кон работата. Јас им порачувам на жените да бидат храбри, да не се откажуваат и да работат со голема љубов“ порача Бакревска-Додовска.
Во Агенцијата за разузнавање од вкупниот број вработени, 34% се жени. Тие се и на речиси половина од раководните позиции, односно 45%. За споредба, во 2018 година на раководни позиции биле 28% жени.