Скопје – 01 октомври 2021 година
Почитуван министер за внатрешни работи, г. Оливер Спасовски,
Почитуван ректор на Универзитетот Св. Климент Охридски, г. Коруновски,
Почитван декан на Факултетот за безбедност, г. Никола Дујовски,
Почутувани директори на институции од областа на безбедноста,
Почитувани гости,
Драги студенти,
На почетокот би сакал да ја изразам мојата лична благодарност како и од името на припадниците на Агенцијата за разузнавање, што сум денеска поканет овде пред Вас, да ја презентирам Агенцијата за разузнавање и да Ви посакам успешен Прв академски час на Факултетот за безбедност. Да бидам искрен, доаѓајќи наваму се потсетив на студентските денови. Се вратив 32 години назад кога се запишав на Факултетот за безбедност. Гледам овде многу колеги со кои заедно студиравме, ги споделивме најубавите моменти од студенските денови, но и подоцна во текот на кариерата. Се сеќавам на јуни 1993 година кога дипломирав на овој Факултет и ми беше дадена шанса да се вработам во Министерството за внатрешни работи и да бидам дел од тогашната Служба за државна безбедност и понатаму во кариерата од околу 28 години да го доживеам моментот како професионалец во мај 2019 година, со указ на претседателот на Република Северна Македонија, г. Стево Пендаровски да бидам именувам за директор на Агенцијата за разузнавање. Тоа секако претставува голема чест и гордост за еден професионалец да води ваква значајна служба во националниот систем за безбедност, а истовремено имајќи предвид дека Република Северна Македонија е мултикултурна, мултиконфесионална и мултиетничка држава, да му се даде шанса на еден професионалец, етнички Албанец за прв пат во историјата на нашата држава да раководи со Агенцијата за разузнавање.
Во вториот дел од моето обраќање би сакал да Ви ја доближам сликата за Агенцијата за разузнавање. Која е Агенцијата за разузнавање и кои сме ние, разузнавачите во Агенцијата за разузнавање. Агенцијата за разузнавање е посебен орган на државната управа со надлежност да собира, обработува, анализира, информира и разменува, информации до корисниците, до нашите сојузници и до партнерите од значење за безбедноста, одбраната и надворешно-политичките интереси на државата. Приоритетите во работата на Агенцијата за разузнавање се содржани во новиот закон за АР којшто беше изгласан во јануари оваа година и тие се: геополитичко ривалство и регионални безбедносно-стратешки појави и процеси, асиметричните закани пред се тероризмот и насилниот екстремизам, илегалната миграција како безбедносна појава но и како алатка во хибридните стратегии на стратешките актери, транснационалниот организиран криминал, сајбер заканите, како и лекцијата која ја научивме во изминативе 19 месеци поврзана со пандемиите кои можат да имаат влијание и врз националната безбедност на државите. Новата реформа на безбедносниот систем ја опфати и Агенцијата за разузнавање. Го променивме модусот на работа. Ние сме сега модерна разузнавачка служба, базирана на НАТО стандарди и на барањата од Европската унија. Работиме во три столба, односно во три круга. Она за што сме создадени е собирањето на информации. Првиот столб го сочинува собирањето на разузнавачки информации и изведување на операции. Тука се базираме на човечките извори, студентите ќе учат за ХУМИНТ, ќе учат за СИГИНТ, за техничко разузнавање, ќе учат за ОСИНТ - информации од отворени извори и се понатаму што оди со “ИНТ“, односно со разузнавање. Вториот столб односно круг, е функцијата за логистичка поддршка на тие коишто се во операции, што собираат информации. Материјално, административно, финансиска поддршка. Третиот столб е безбедносниот сегмент, којшто значи физичка заштита на централата на Агенцијата, на вработените, на информациите кои ги креираме, на контра-разузнавачката заштита на операциите и на кибернитичката заштита. Тимската работа е гаранција за успех во една разузнавачка агенција, а разузнавачот како дел од тимот е многу битна алка. Нашето мото во работата е НИЕ, а не јас. Само со здружени сили, со добра организација и работа по приоритети може да се стигне до посакуваниот резултат. Разузнавачот работи плански и со соодветна подготовка, а претходно со квалитетна информација. Разузнавачот е патриот, ја сака и работи за својата држава и ги штити граѓаните. Разузнавачот е лојален на тимот каде што работи. Ги чува и заштитува информациите, ги чува и штити своите колеги со кои што е во операција. Ги штити материјалните добра кои му се на располагање за успешно завршување на неговите задачи.
На крајот, драги студенти, Ви посакувам успешен почеток на академската година, успешни студии, многу здравје и благосостојба. Бидете добри слушатели, планирајте го вашето време и секогаш бидете подготвени – тоа е гаранција на успех. Се надевам дека со моето денешно кратко обраќање до Вас, ви ја доближив сликата за нас како институција, па можеби во една блиска иднина кај некои од вас ќе се појават афинитети и желба да и се приклучат на Агенцијата за разузанавање.
Ви благодарам.