Скопје – 29 март 2022 година

Честитка од заменик директорот Александра Бакревска Додовска по повод 29 март – Денот на Агенцијата за разузнавање


Почитувани колеги и колешки,
Уважени сегашни и пензионирани врвни професионалци,
Денес прославуваме 27 години од формирањето на Агенција за разузнавање, годишнина вредна за почит. Поминаа 27 години од донесувањето на првиот законот за Агенцијата, кој го означи почетокот на градењето на капацитетите на Службата.

Голем е бројот на луѓето што придонесоа Агенцијата за разузнавање да прерасне во современа разузнавачка служба, отпорна на влијанија. За жал, дел од нив не се веќе меѓу нас за да ги гледаат плодовите на својот труд. Но, затоа ние што учевме од нив секогаш се сеќаваме на нивната професионалност, посветеност и себедавање. Тие принципи треба да не’ водат и во иднина.

Ново поглавје во историјата на АР е донесувањето на новиот закон. Тој ги сублимира определбите што ги споделуваме со НАТО и ЕУ. Ако во минатото учевме какви вредности треба да поседуваме, сега како членка на НАТО, на дело ги применуваме. Друга особено важна придобивка од новиот закон е зголемувањето на платите и подобрувањето на условите за пензионирање. Од законот произлегоа обврски и реформи, кои ги спроведовме. Воведовме промени во функционирањето и градиме дух на тимска работа. Станавме видливи и препознаени во нашето општество и меѓу партнерите од НАТО по квалитетот на нашите информации.

Во иднина потребно е да се стремиме нашите информации и анализи да влијаат врз процесот на носење одлуки од стратешки интерес и во креирањето политика за заштита на национална безбедност. Ќе го јакнеме системот на вредности на Агенцијата и ќе се насочиме кон обучување на новите генерации. Исто така, ќе продолжиме да ја освестуваме потребата од родова застапеност и женско лидерство.

Почитувани,
Ова е посебен ден за сите нас. Ден кога го славиме подемот на нашата институција. Нека ни е честита годишнината и заеднички да дочекаме уште многу успеси.