Скопје – 31 Август , 2022
На 31.08.2022 година, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, со раководниот тим оствари средба со директорот на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал“, генерал-мајор (во пензија), Бер Р. Сегуин.
Директорот Сегуин беше запознаен со реформите во безбедносно-разузнавачката заедница во Северна Македонија и во тие рамки и во Агенцијата за разузнавање од легислативен и организациски аспект. Со директорот Сегуин беа разменети мислења за актуелните безбедносни предизвици, пред сѐ, геополитичкото ривалство кое развива хибридни стратегии и закани, регионалните безбедносно-стратешки појави и процеси, разните форми на асиметрични закани и сајбер-безбедноста. Тоа налага потреба од континуирано надградување на капацитетите на Агенцијата во насока на навремено препознавање и превенирање.
Приоритетите на Агенцијата за разузнавање во голем дел се опфатени со темите и прашањата кои ги покрива и „Маршал Центарот“, пред сѐ, во форма на резиденти курсеви, ад-хок семинари, форуми и истражувања. Поради тоа, повеќе од една деценија, „Маршал Центарот“ е препознатлив партнер за Агенцијата за разузнавање каде голем број вработени ја надградувале својата експертиза.
На средбата беше споделено задоволството што значаен дел од вработените во Агенцијата кои ги водат процесите биле студенти во Центарот и го имплементираат стекнатото знаење во секојдневното работење. Директорот Сегуин имаше можност и изворно да ги слушне позитивните впечатоци од престојот и програмите на Центарот.
„Маршал Центарот“, со својата специфичност како образовна институција и своевидна точка на вмрежување на професионалци од различни континенти, ќе продолжи да биде партнер на Агенцијата за разузнавање во идната едукација и усовршување на своите вработени.