Скопје, 19 октомври 2022

Учество на директорот на АР на годишна конференција на DCAF на панел дискусија: Реформите во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Северна Македонија


Денеска, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, присуствуваше на годишната Конференција на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ), при што учествуваше на панел дискусијата „Реформите во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Северна Македонија – тековни постигнувања, останати предизвици и идни приоритети”.

По прашањето на сегашната состојба на спроведените реформи, директорот Муслиу истакна дека се направени успешни реформи на безбедносните служби коишто, како што рече, започнаа по излезот на државата од безбедносно-политичката криза во 2014/2015 година, кога се наметна потребата за реформирање на секторот за безбедност и разузнавање. Директорот истакна дена Агенцијата за разузнавање е единствената институција формирана со закон уште во 1995 година, а на почетокот на минатата година се донесе Закон со кој Агенцијата целосно се реформира.

Директорот Муслиу нагласи дека вработените во АР работат тимски бидејќи мотото на Агенцијата е WE, not me - НИЕ, не јас. Во процесот на реформирање поставени се сериозни цели, за што добиена е целосна помош од Канцеларијата за безбедност на НАТО.

Во текот на разговорот, директорот објасни дека АР пред себе поставила шест цели: зајакнување на позицијата на Агенцијата за разузнавање во системот на националната безбедност како служба за надворешно разузнавање, препознаена како доверлив и професионален сојузник и партнер на меѓународно ниво; зајакнување на човечкиот потенцијал преку негово оспособување за прилагодување на динамичните промени во безбедносното опкружување; унапредување и засилување на техничките капацитети и отпорноста кон сајбер нападите со цел способност за брза ревитализација по напад; градење и јакнење на безбедносната култура на сите нивоа во АР; влијание преку изградена свест и безбедносна култура кај политичарите и државниот врв со цел информациите на Агенцијата за разузнавање да влијаат во процесот на носење на стратешки одлуки поврзани со националната безбедност; и како последна цел – транспарентноста, отвореност кон јавноста со цел граѓаните да изградат доверба во Агенцијата и во неа да препознаат институција чија мисија е заштитата на нивната безбедност и суверенитетот на државата.

Потоа додаде дека не е се совршено во безбедносно-разузнавачкиот систем, дека има поместувања, но дека ова е процес кој нема крај и кој постојано се надградува.

Собраниската комисија за надзор над работата на АР и АНБ два пати годишно остварува надзорни посети во АР. Во врска со тоа, директорот напомена дека Агенцијата е отворена за надзор и контрола во рамки на законските ограничувања, имајќи ја предвид специфичноста на работата на АР постојат лимити без разлика што членовите на Комисијата имаат безбедносни сертификати, принципот на тајност е еден од клучните принципи во работата на Агенцијата.

Во врска со Советот за координација со безбедносно-разузнавачката заедница, а со оглед на фактот дека согласно Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, АР по принцип на ротација во 2022 година номинираше секретар на Канцеларијата на Советот за период од две години, директорот посочи дека координацијата на оперативно-тактичко ниво е многу подобра и дека се изведени неколку заеднички операции, но од формално–правен аспект сеуште има недостатоци од административно-технички карактер за Канцеларијата која ја операционализира работата на Советот. Ова ќе биде еден од предизвиците на АР за подобрување на сопствените капацитети. Соработката на експертско ниво е одлична во сите области.

Директорот на АР истакна дека со реформите во разузнавачко-безбедносниот сектор е добиен квалитет и затоа денес постојат две цивилни агенции со прецизни законски надлежности. Во поглед на несогласувањата во минатото на национална основа, директорот кажа дека постои уште еден квалитет со законските решенија, а тоа е неговото поставување за директор во безбедносниот сектор бидејќи за прв пат во историјата на нашата држава етнички Албанец со врвна професионална кариера е директор на Агенцијата за разузнавање.

Eден од главните предизвици на АР во процесот на реформи е смената на генерации особено последниве две години бидејќи дел од вработените се пензионирани. Се посветува внимание на младите кадри, преку менторски пристап, но се работи и на привлекување на профили од други институции кои можат да помогнат на Агенцијата. Директорот објасни дека во план е изградба на сопствен тренинг центар бидејќи како што потенцира на почетокот на панел дискусијата: Мотото на работа на Агенцијата за разузнавање е: НИЕ, не јас!

Директорот Муслиу, на крајот на своето обраќање потенцира дека секој припадник на Агенцијата за разузнавање е патриот. Работи за својата држава. Ја сака Македонија. Лојален е на Агенцијата за разузнавање. Лојален е на информациите што ги создава. Лојален е на тимот. Работи за безбедноста на граѓанинот и го чува суверенитетот на државата.