Скопје – 20 јуни, 2023
Директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу на 20 јуни 2023 година учествуваше на Конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија“, организирана во партнерство меѓу Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО) и Фондацијата „Метаморфозис“, со поддршка од Кралството Холандија преку проектот Центар за борба против дезинформации на Западен Балкан кој го спроведува Метаморфозис.
Муслиу потенцираше дека тековни безбедносни предизвици со кои се соочува Северна Македонија се хибридните стратегии кои ги развиваат авторитарните држави, наведувајќи ги алатките кои тие ги користат. Беше посочено дека потребата од градење на отпорност е една од превентивните мерки, но поблиска соработка и размена на политичко, разузнавачко и воено ниво меѓу сојузниците во НАТО е круцијално.
Директорот на АР ги образложи хибридните пропагандни стратегии на Русија и Кина. Русија, користејќи ги своите дипломатски капацитети во регионот и бројни алатки креира спротивставени наративи внатре во општествата, но и меѓу државите, преку „прозорци на можности“ – отворените прашања во регионот и забавените евро-атлантски интеграции. Се осврна и на кинеската пропагандна стратегија на Западен Балкан која се базира на наводна супериорност на алтернативниот модел за економски развој преку соработка со Кина. Тој истакна дека кинеската пропаганда, преку влијание во медиумскиот простор, има за цел да создаде перцепција за преуредување на политичкиот поредок кој се карактеризира со забрзан трансфер на политичка и економска моќ од Запад кон Исток и наметнување, на малите земји, на потребата од лојалност кон повеќе центри на моќ во „новиот светски поредок“.
Муслиу на крај ги наведе предизвиците со кои ќе се соочува Република Северна Македонија во наредниот период – 2023/2024 г. Тој истакна дека нашата држава ќе биде мета на дезинформациска пропаганда за уставните измени, црковното прашање и изборите во 2024 година, нагласувајќи дека дезинформациските кампањи се државно организиран и насочен процес кој има за цел манипулација со јавното мислење и притисок врз носителите на одлуки.
Линк до настанот: https://www.youtube.com/watch?v=E85yaPG5SA0