Скопје, 04 март 2024
Агенцијата за разузнавање најжестоко ги демантира наводите изнесени од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на партиската трибина, одржана на 02.03.2024 г. пред Конвенцијата за избор на кандидат за претседател. Периодот кога се номинираат кандидати за претседател на државата се злоупотребува за пласирање заканувачка реторика кон институција која е под надлежност на претседателот, како и кон нејзините вработени.
Во своето излагање, Николоски користи бројни лаги и неосновани тврдења против Агенцијата, со цел да нанесе штета на нејзиниот интегритет и углед. Дополнително, тоа го прави во име на номинираниот кандидат на кого му ги диригира потезите што ќе треба да ги преземе по 12 мај 2024 г.
Не е првпат јавноста на ваков начин да е манипулирана и по неуспешните обиди за јавен линч на Агенцијата, повторно, истите тврдења, како сензации, да се изнесуваат и реобјавуваат на лажни профили и медиуми.
На трибината, вработените во Агенцијата беа оквалификувани како „една збирштина“ со што се омаловажени како професионалци и Агенцијата како битен чинител во националната безбедност.
Агенцијата беше обвинета дека шири озборувања и фабрикува извештаи, што е апсолутна невистина, имајќи предвид дека работи според утврдена методологија на работа со класифицирани информации. Без аргументи се обвинува Агенцијата за следење на највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Во досегашниот период за ваквите паушални тврдења не беа изнесени никакви докази во јавноста ниту пред соодветни институции, вклучително Јавното обвинтелство и надлежната собраниска комисија.
Исто така, ја уверуваме јавноста дека претседателот Стево Пендаровски не се меша во работата на Агенцијата, ниту некогаш дал наредба за следење на политички неистомисленици.
Познато е дека следење политички неистомисленици и комуникации, спроведувано до пред десетина години, доведе до политичко-безбедносна нестабилност во нашата земја, што резултираше со реформа во безбедносно-разузнавачкиот сектор.
Апелираме, во предизборниот период да не се злоупотребува името на Агенцијата за разузнавање за собирање партиски поени, со пласирање невистини да не се доведуваат во заблуда граѓаните и да не се поткопува довербата во безбедносно-разузнавачките институции.