Скопје – 22 март 2021 година

Еролд Муслиу за РСЕ: И Северна Македонија е мета на ковид дипломатија


Преку лажни вести и пропаганда, а користејќи ја состојбата со вакцините во борбата против корона вирусот, големите држави вршат притисок врз владите во регионот, а Македонија не е имуна на таквиот притисок, вели првиот човек на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу во разговор за Слободна Европа.

Господине Муслиу што е тоа ковид дипломатија, термин што во последно време почесто го слушаме и што сакаат да постигнат државите што ја применуваат?

Ковид дипломатијата е алатка во хибридната стратегија, која се појави со почетокот на ковид пандемијата и трае во изминатиов период од една година. Секој креатор и спроведувач на стратегија развива тактичко - оперативни мерки за делување кои опфаќаат неколку платформи базирани на геополитичкиот интерес, регионални состојби и конфигурација на терен. Хибридна стратегија за делување и присуство во одреден регион развиваат само големи држави со геостратешки интерес кои мора да најдат и регионални точки од каде ќе ја спроведуваат зацртаната агенда. Изработуваат платформи, базирано (на ситуацијата) во државата во која се има интереси и може да варира помеѓу употреба на дипломатија , разузнавање, економски и (енергетски) бизнис интереси, медиумско- пропагандно делување , со крајна цел вршење притисок врз владите и реализација на нивните интереси. Се сеќаваме сите дека во почетокот беше борба за информација за набавка на маски , скафандери, ракавици и дезинфекциони средства, а во последниот период се претвори во потреба за обезбедување вакцини. Моментално се експлоатира процесот на вакцинација и промоција на едни наспрема други вакцини, а можеби во нареден период ќе прерасне во битка за добивање лек .

Кои држави ја спроведуваат ковид дипломатијата и на кој начин се врши тој медиумски притисок?

Тактиката во пласирањето на лажните вести во почетокот се движеше од потребата за барање виновник за потеклото и ширењето на пандемијата, за подоцна да премине во фаза на хуманитарно-спасителска мисија во која беа содржани елементи на медиумско пропагандно експонирање на давањето донации, кои пристигнуваа со воени авиони на Балканот, но и во други европски држави, а со цел покажување неспособност на владите и создавање конфузија и недоверба кај населението за вистинските вредности на западните демократии и нашите сојузници. А Република Северна Македонија е членка на НАТО и ги споделува и работи на реализација на стратешко-безбедносните приоритети и предизвици. За ваквата активност потребни се регионални точки од каде креаторот на лажните вести, како дел од хибридната стратегија, ќе може да ги прошири во медиумите конкретно мислејќи на нашиот регион, па и на нашата држава.

Кога веќе ја спомнавте нашата држава, се чувствува ли тој притисок овде, колку е тој притисок присутен од оваа ковид дипломатија?

Па притисокот е видлив, видлива беше нервоза, многу медиуми известуваа, имаше борба меѓу власт и опозиција со различни настапи, значи тоа се многу елементи кои креаторите на хибридни стратегии го посакуваат. Да се дојде до таква ситуација. Затоа кажувам дека и нашата земја (Република Северна Македонија) не остана имуна на таквото делување и притисокот врз нашата Влада.

Што конкретно Агенцијата за разузнавање презема за да го ублажи тој притисок, кои механизми ги користите?

Агенцијата за разузнавање како и другите служби од појавата на пандемијата, одреден дел од своите капацитети ги насочи во правец , како да и помогне на земјата (и на владата). Работевме самостојно на терен и разменувавме сознанија со нашите сојузници и партнери за превземањето мерки и размена на искуства во нивните држави за полесно да се справиме и прилагодиме на ситуацијата. Колку сериозен е нашиот пристап кон овој нов феномен и како ќе работиме во иднина докажува и фактот што во новиот Закон за Aгенцијата за разузнавање кој беше изгласан во јануари, еден од приоритетите за работа е прибирање информации за пандемии на глобално ниво со потенцијал за дестабилизација и влијание врз националната безбедност ова оди заедно со геополитичкото ривалство и државите кои развиваат хибридни стратегии.