Скопје – 29 март 2021 година

Честитка од директорот Еролд Муслиу по повод 29 март – Денот на Агенцијата за разузнавање


Почитувани колеги,

Дозволете да ви го честитам 29 март – Денот на Агенцијата за разузнавање на кој прославуваме 26 години од нејзиното постоење. Чест и привилегија е да се биде припадник на ваква институција, чијашто работа е многу комплексна и значајна, но истовремено е племенита и тајна. Изминатава година се соочивме со многу предизвици кои се должат на пандемијата со КОВИД-19 на глобално ниво, пропратена со хибридни стратегии на геополитички и регионални актери, поддржана со многу лажни вести, но и предизвици во доментот на асиметричните закани. Во ваква ситуација, ние спроведовме соодветна стратегија за прилагодување на новонастанатата ситуација и соодветно се поставивме и спротиставивме на заканите. Од друга страна, обезбедивме навремена и континуирана здравствена заштита и безбедност при работа за нашите вработени.

Особено сум горд на нашиот успех со донесувањето на новиот закон за АР со кој се заокружија безбедносните реформи во нашата држава. Со Законот ги исполнивме укажувањата во Извештајот на Европската комисија за 2020 година и ги имплементиравме препораките на НАТО, дефинирајќи се како служба за надворешно разузнавање. Голем број наши колеги и колешки заслужено се здобија со многу поволни услови за пензионирање и во оваа прилика би сакал искрено да им се заблагодарам за нивниот професионализам, придонес и посветена работа, да им посакам многу здравје и успех во натамошниот живот. Со Законот за АР се отвори можност да ја подмладиме Агенцијата со нов кадар, на кој во иднина треба повеќе да се потпираме. Убеден сум дека новите колеги ќе имаат што да научат и да се надоградат, а наша должност, на поискусните, пред сè, е да се грижиме, стекнатото знаење и искуство, меѓусебно да го споделиме и да го пренесеме на новите генерации. Во овој контекст, нашата заложба е во блиска иднина да извршиме надградба на техничките капацитети коишто значително ќе ја олеснат работата на Агенцијата и ќе обезбедат поголема заштита на нашите податоци.

Со Законот за АР, применуваме соодветна и правична застапеност на граѓаните и ја гарантираме половата еднаквост. Така, за првпат во Агенцијата, претседателот на државата, Стево Пендаровски именуваше жена на позицијата заменик директор која доаѓа од нашиот професионалниот состав. Како ваш колега и директор на Агенцијата за разузнавање, се водам од принципите на патриотизам, меритократија и институционална лојалност. Очекувам од вас да ги применувате овие морални вредности надополнети со вашите лични карактеристики. На Агенцијата ѝ се потребни посветени професионалци и експерти во своите области, ослободени од секакви влијанија, кои се вреднувани заради вложениот труд, иницијативност, тимска работа и обезбедени навремени информации.

Очекувам секој од вас, без разлика на кое ниво е во нашата структура, да биде насочен кон обезбедување разузнавачки информации значајни за стабилноста и безбедноста на Република Северна Македонија. Само на тој начин ќе можеме да се штитиме рамо до рамо со нашите сојузници, да се грижиме за националната безбедност и да ги чуваме државата и нашите граѓани.

Да ни е честит Денот на АР!

Со почит,
Еролд Муслиу